download

 

Ајварот – штетен или корисен производ?

Основни состојки на традиционалниот рецепт за ајвар се:

- Црвени пиперки

- Масло

- Сол

И што е тука толку штетно, за во последните години нашиот ајвар да има репутација на „штетен“ или „не-хранлив“ производ, а нашите мајки, баби и прабаби го правеле години наназад? А сите го сакаат. Во спроведена анкета, резултатите покажуваат дека на нашите иселеници во странство најмногу им недостига ајварот и пиперките.

Навистина, пиперките се печат и се пржат и при тоа го губат витаминот Ц и други термолабилни состојки, но тоа би се случило и при чување на собна температура или при термичка обработка која трае пократко време, исто како секое готвено јадење. Но ние не внесуваме храна само поради витамините! Во пиперките има минерали кои не се губат при термичка обработка, и растителни влакна кои ни се многу потребни. Светот „води борба“ за поголем внес токму на тие растителни влакна. Нив ги има во овошјето и зеленчукот, за кои во современиот начин на живот понекогаш човекот нема време да ги внесува во доволна количина, па има многу суплементи со ознаки „за слабеење“, „за намалување на холестеролот“, „за подобра столица“... во кои главна состојка се токму тие растителни влакна. А во ајварот ги има во изобилие! Главно ги има нерастворливите растителни влакна. Тие го помагаат движењето на храната низ дигестивниот тракт, а со тоа и побрзо ги отстрануваат непотребните материи и токсини. Препорачливи се кај оние кои имаат мрзливи црева и страдаат од опстипација (запек).

За црвената боја на пиперките е одговорна супстанцијата наречена ликопен, која исто така е термостабилна. Ликопенот е моќен антиоксиданс, се бори против слободните радикали, и докажано е дека помага во превенција од канцерогени заболувања (особено на простата и на гради), превенира срцеви заболувања, атеросклероза, а го подобрува и квалитетот на сперматозоидите кај мажите.

Пиперката е богата со витамини кои се издржливи на високи температури: А, Е, К, рибофлавин, ниацин, биотин. Сите тие се потребни за правилна функција на организмот.

Од минерали, во пиперките има калиум, манган, фосфор, железо, магнезиум и друго. Минералите не се уништуваат со термичка обработка!

Маслото, кога е пржено, не е многу корисно, но при подготовката на ајвар нема вистинско пржење на висока температура, при што би се разградило до штетни состојки. Постојаното мешање не дозволува да се достигне висока температура, а и мала е количината на масло во однос на пиперките (дополнително, и витамините А и Е од пиперките делуваат како антиоксиданси и не дозволуваат да дојде до негова оксидација - ужегнување). И, колку од тоа масло би изеле со едно намачкано парче леб?     

За крај, споменавме едно намачкано парче леб, може и две. Но не повеќе! За ајварот да не биде причина за зголемена телесна тежина. Бидејќи сите некако него го обвинуваат, а не големата количина на леб која ја внесуваат заедно со него.

Јадете паметно и немајте грижа на совеста! Ајварот не е штетен ако е дел од разновидна и балансирана исхрана!

download (1)

 

Автор: Билјана Марковска

 

 

  • Во случај на користење на статии за комерцијални цели, потребна е согласност од www.nutri-zona.com