ЛЕЌА – ЕДЕН ОД НАЈЗДРАВИТЕ ОБРОЦИ!

 

maxresdefault

 

Леќата припаѓа во групата на легуминози, кои се карактеристични по големата застапеност на растителни протеини, јаглени хидрати, витамини од В групата, како и минерали, особено молибден, железо, фосфор, манган, цинк и др. Богата е и со растителни влакна, а не содржи масти и холестерол. Одмана била значаен дел од исхраната на човекот и порано почесто била застапена. Затоа денес, согледувајќи ги здравствените придобивки, ние, приврзаниците на науката за храна и правилна исхрана, се залагаме леќата да го врати своето заслужено место на трпезите. Хранлива е, лесно и брзо се подготвува и достапна е во текот на цела година, па нема оправдување за нејзино отсуство во исхраната!

На нашиот пазар најчесто ја има како зелена и црвена. Двата типа имаат скоро иста хранлива вредност, со тоа што зелената има малку помала количина на јаглехидрати, а со тоа и помалку калории; додека кај црвената повеќе се застапени протеините. За подготовка на зелена леќа потребни се околу 30 минути, а за црвена 20 минути.

ЗДРАВСТВЕНИ ПРИДОБИВКИ

Леќата е мал, но многу хранлив член од семејството на легуминози. Многу добар извор е на растителни влакна, кои помагаат во намалување на холестеролот. Покрај тоа, ги регулира нарушувањата на шеќер во крвта, бидејќи со високата содржина на растителни влакна го спречува брзото зголемување на шеќер во крвта по оброк. Леќата, исто така, е одличен извор на седум важни минерали, Б-витамини и протеини, а е речиси без масти. Протеинскиот состав ѝ е многу добар, така што обезбедува многу есенцијални аминокиселини, неопходни како примарна состојка за растење, за обновување на клетките и за отпорност на организмот. А калориската вредност на оваа храна? Само 230 калории за цела чинија варена леќа!

Picture1

Леќа за здраво срце и крвни садови

Леќата е богата со растителни влакна, а многу студии покажале дека оние кои конзумираат храна богата со растителни влакна, поретко заболуваат од болести на срцето и крвните садови.

Корисноста на леќата за здравјето на срцето не е само поради присуството на растителни влакна, туку и поради значителните количини на фолна киселина и магнезиум. Фолната киселина помага во намалување на нивото на хомоцистеин, амино киселина која е меѓупроизвод во метаболичките процеси. Во присуство на фолати (како и витамин Б6), хомоцистеинот се претвора во цистеин и метионин. Кога не се достапни фолатите, нивото на хомоцистеин во крвта се зголемува, а тој ги оштетува ѕидовите на артериите и се смета за сериозен фактор на ризик за срцеви заболувања.  

Магнезиумот од леќата е уште една позитивна компонента за нејзините корисни кардиоваскуларни ефекти. Магнезиумот е блокатор на калциумовите канали. Кога има доволно магнезиум, вените и артериите се порелаксирани, со што се намалува отпорот и се подобрува протокот на крв, кислород и хранливи материи во телото.

Леќата ви дава енергија додека се стабилизира шеќерот во крвта

Покрај корисните ефекти за дигестивниот систем и срцето, растворливите растителни влакна помагаат да се стабилизира шеќерот во крвта. Ако имате инсулинска резистенција, хипогликемија или дијабетес, мешунките како леќата навистина може да ви помогнат при балансирање на шеќерот во крвта, истовремено, обезбедувајќи стабилна енергија, која постепено се ослободува (поради бавно согорување на сложените јаглехидрати).

Биле спроведени студии кои го согледувале влијанието на високата застапеност на растителни влакна врз шеќерот во крвта, и покажале значителна предност на храната богата со растителни влакна. Истражувачите правеле споредба на две групи на луѓе со дијабетес тип 2, кои се хранеле со храна со различни количини на растителни влакна. Едната група имала стандардна исхрана, која содржи 24 грама влакна/ден, додека кај другата група во исхраната се содржеле 50 грама влакна/ден. Оние кои јаделе диета со повисока количина на влакна, имале пониски нивоа на гликоза (шеќер во крвта) и инсулин (хормон кој му помага на шеќерот во крвта да се искористи од страна на клетките). Кај групата која се хранела со храна побогата со растителни влакна, исто така, се намалил и вкупниот холестерол за речиси 7%, нивото на триглицериди за 10,2%, а нивото на VLDL (најопасниот вид на холестерол) за 12,5%.

Железо за енергија

Железото во крвта е всушност составен дел на хемоглобинот, кој пренесува кислород од белите дробови до сите клетки во телото, а исто така е дел од важни ензимски системи за производство на енергија и метаболизам на многу материи. Во леќата го има во големи количини, па со разновидна исхрана, каде и таа е вклучена, веројатно нема да дојде до негов недостаток. Жените за време на менструален циклус, повеќе се изложени на ризик од дефицит на железо, па зголемувањето на резервите на железо со порција леќа е добра идеја, особено затоа што, за разлика од црвено месо (кое исто така е извор на железо), леќата не е богата со масти и калории.

И запомнете: Ако сте бремени или доите, Вашите потреби за железо се зголемени. Децата во раст и адолесцентите, исто така, имаат зголемени потреби за железо.

Растителни влакна за подобра дигестија

Леќата е богата со растителни влакна од растворлив и нерастворлив тип. Растворливите влакна формираат желатинозна супстанција во дигестивниот тракт која се врзува со масните материи и така заедно се исфрлуваат од телото. Научните истражувања покажале дека нерастворливите влакна, не само што помагаат да се зголеми количината на столица и да се спречи запек, тие исто така помагаат во спречување на дигестивни нарушувања како синдром на нервозно дебело црево и дивертикулоза.