download (1)

Алергија на храна или дигестивен проблем?!

Многу често луѓето сметаат дека се алергични на одредена храна, но во многу случаи не се работи за алергија, туку само за нетолеранција на таа храна со појава на непријатни дигестивни проблеми. Разликите помеѓу алергиите и нетолеранциите се во механизмот на настанување, симптомите со кои се манифестираат, како и опасноста од нивната појава врз здравјето и животот.

Што е алергија на храна?

Алергија на храна е одговор на имунолошкиот систем. Тоj одговор е предизвикан кога организмот идентификува како штетна одредена состојка во храната (обично протеин), па создава одбранбен систем (антитела) за да се борат против таа состојка. Алергиска реакција се јавува кога антителата се борат со "инвазивни" прехранбени протеини, и на тој начин го штитат организмот. За таа реакција одговорни се антителата наречени имуноглобулини Е (IgE).
Најчесто алергии на храна се јавуваат од школки, ореви, риби, јајца, кикири и млеко.

Што е нетолеранција на храна?

Нетолеранција на храна е одговор на дигестивниот систем, а не одговор на имунолошкиот систем. Тоа се случува кога некоја состојка од храната го иритира дигестивниот систем или кога некој организам не може правилно да ја свари храната. Нетолеранцијата кон лактоза (млечен шеќер), која се наоѓа во млекото и другите млечни производи, е најчестата нетолеранција на храна.

Симптоми на алергиска реакција

Јачината на симптомите на алергија на храна може да се движат од благи до тешки, а количината на храна потребна за да се предизвика реакција најчесто е многу мала. Најчести симптоми се:
- Црвенило или осип
- Гадење
- Болки во стомакот
- Дијареа
- Отежнато дишење со неможност да се земе доволно воздух
- Болка во градите
- Оток на дишните патишта
Анафилактичниот шок, кој за среќа ретко се јавува, е многу сериозна и потенцијално фатална алергиска реакција која вклучува ненадеен пад на крвниот притисок, губење на свеста и оштетување на телесниот систем.

Симптоми на нетолеранција на храна

Симптомите на нетолеранција на храна не вклучуваат промени на кожата, ниту пак потешкотии со дишењето. Најчесто се јавуваат:
- Гадење
- Болки во стомакот
- Гасови, грчеви или надуеност
- Повраќање
- Дијареа
- Главоболки
- Раздразливост или нервоза

Што ги предизвикува алергиите и интолеранциите на храна?

Алергиите на храна произлегуваат од чувствителноста на хемиски соединенија (протеини) во храната. Тие се почести кај луѓето чии членови на семејството имаат алергии, што укажува на тоа дека генетскиот или наследен фактор има улога во развојот на алергии на храна.
Алергиите на храна се развиваат по изложеност на протеини од храна, кои телото ги смета за штетни. Првиот пат кога се јаде храна што содржи таков протеин, имунолошкиот систем реагира преку создавање специфични антитела за борба против него (IgE). Кога се јаде храната повторно, се предизвикува ослободување на IgE антитела и други хемикалии, вклучувајќи и хистамин, во обид да го протераат протеинот "напаѓач". Хистаминот е моќна хемикалија која влијае на респираторниот систем, гастроинтестиналниот тракт, кожата или на кардиоваскуларниот систем.
Алергиските симптоми зависат од тоа каде се ослободува хистаминот во телото. Ако тој се ослободи во кожата, може да се јави чешање или осип. Ако се ослободи во носот и грлото, се јавуваат проблеми со дишењето или голтањето. Доколку хистаминот се ослободи во гастроинтестиналниот тракт, најверојатно ќе се јават болки во стомакот, грчеви или дијареа. Многу луѓе доживуваат комбинација на симптоми.
Постојат многу фактори кои придонесуваат за развој на нетолеранција на храна. Во некои случаи, како кај нетолеранцијата кон лактоза, во организмот недостасуваат хемикалии, наречени ензими, кои се неопходни за правилно да се вари храната. Кај тие состојби, може да се додадат ензимите кои недостигаат и слободно да се користи млечна храна.
Исто така, чести се нетолеранциите на некои хемиски состојки (адитиви) додадени во храната за да се додаде боја, за подобрување на вкусот или за заштита од раст на бактерии.
Супстанциите наречени сулфити, кои природно ги има во црвените вина, или може да се додадат за да се спречи растот на мувлата, исто така, претставуваат извор на нетолеранција за некои луѓе.
Салицилатите се група растителни хемикалии кои се наоѓаат природно во многу овошја, зеленчуци, ореви, кафе, сокови, пиво и вино. Аспиринот, исто така, содржи салицилати. Храната што содржи салицилати може да предизвика симптоми кај луѓето кои се чувствителни на аспирин.
Се разбира, и секоја храна која се консумира во прекумерни количини може да предизвика дигестивни симптоми и проблеми!

Разлики меѓу алергија и интолеранција на храна

Алергиите на храна можат да бидат предизвикани од мала количина на храна и се јавуваат секогаш кога се консумира таа храна. Луѓето со алергија на одредена храна треба целосно да ги избегнат прехранбените производи што ја содржат неа.
Од друга страна, интолеранциите за храна често се поврзани со дозата. Луѓето со нетолеранција за храна може да немаат симптоми, освен ако јадат голема количина од храната или ако често ја јадат таа храна. На пример, лицето со нетолеранција кон лактоза може да пие млеко во кафе или една чаша млеко, но се разболува ако тој или таа пие неколку чаши млеко.
Алергиите и нетолеранциите за храна исто така се разликуваат од труења со храна, кои понекогаш даваат слични симптоми.

Дијагноза

За правилна дијагноза и за соодветен третман на сосотојбата, најпрво треба да се советувате со лекар. Постојат разни алерго-тестови, кои точно одредуваат дали постои алергија на храна и на која храна е таа. Исто така, има и тестови за нетолеранција на храна.
Доколку се работи за алергија, одредената храна треба да се избегнува и во најмала количина.
Нетолеранциите на храна не се толку опасни и со време може да се подобри состојбата.