МАЈЧИНОТО МЛЕКО – ХРАНА СО КОЈА СЕ ЗАПОЧНУВА ЕДЕН ЖИВОТ

Доење

 

Најголемото богатство кое може да му го дадете на Вашето штотуку родено бебе се љубовта и мајчиното млеко, а преку доењето тоа ги добива и двете. Мајчиното млеко е идеална храна за почеток на новиот живот и храна која ќе има долгорочно влијание врз неговото здравје. Се препорачува со доење да се започне колку што е можно порано, најдобро во првиот час по раѓањето.
Според Светската Здравствена Организација, ексклузивното доење е препорачано како прв избор на храна и најдобра исхрана за новороденчето до 6 месеци, а се препорачува со доење да се продолжи и до 2 години. Ексклузивно доење значи дека доенчето се храни само со мајчино млеко, без додавање на друга цврста храна, ниту млечни формули. Од него има многу придобивки, меѓу кои зацврстување на емотивната врска меѓу мајката и бебето, достапност на готова храна во секој момент, но уште поголеми се здравствените придобивки. Од секогаш се знаело дека доените деца се поздрави, подобро ја толерираат другата храна и слично. Мајчиното млеко не само што обезбедува оптимална исхрана, туку обезбедува и биоактивни компоненти, кои се важни за да се оптимизира микробиолошката колонизација, имунолошкото созревање, метаболичкиот развој, па дури и когнитивниот развој и интелигенцијата на бебињата.
Мајчиното млеко делува локално, на дигестивниот тракт на новороденчето, но и системски - преку подобрување на имуниолошкиот систем. Уште со првиот подој, компонентите од мајчиното млеко (пребиотици) создаваат поволни услови за раст и развој на корисни бактерии - микрофлора (пробиотици) во цревата на новороденчето. Кај бебињата кои се доени, докажано е дека се создаваат специфични бактерии (пробиотици), кои ги нема кај оние кои се хранети со адаптирани формули или кај бебињата на кои рано им се давала друга храна. Составот на тие специфични пробиотици е многу важен за здравствената состојба на бебето, но тоа влијае и во подоцнежниот живот. Новите докази укажуваат дека мајчиното млеко и доењето има улога во намалувањето на ризикот од хронични болести на поголема возраст, како што се дебелина, алергии, кардиоваскуларни болести или дијабетес.
Подолготрајното доење, исто така придонесува и за здравјето и благосостојбата на мајките: го намалува ризикот од карцином на јајници и дојки кај мајката.

Дополнителна исхрана на доенчето
Најдобар период за воведување на немлечна храна е периодот околу 4-6 месеци кај бебиња кои не се ексклузивно доени, или на 6 месеци кај ексклузивно доени бебиња. Пред четвртиот месец не е препорачливо да се внесува немлечна храна бидејќи организмот на доенчето не е физиолошки доволно созреан за да прими таков вид на храна. На околу 6-месечна возраст, потребата на новороденчињата за енергија и хранливи материи е поголема од тоа што мајчиното млеко го обезбедува, па неопходна е дополнителна храна за да се задоволат тие потреби. Доенчето на оваа возраст е поготвено за навикнување на други вкусови, но и развојно подготвено за друга храна (кај неко функционираат ензимите за разградување на повеќето хранливите материи).
- Храната треба да се внесува постепено, во мали количини и само една храна на ден, за да се забележи реакцијата на бебето на таа храна, или евентуалното јавување на алергиски реакции. Поради функционална незрелост на дигестивниот систем, на почеток не е пожелно да се даваат мешавини од две или повеќе типови на храна одеднаш.
- Во храната на доенчето да не се додаваат шеќер, сол и зачини.
- Да се внимава на хигиената на храната и приборот за подготовка и хранење. Најдобро е бебето да се храни со сопствен прибор, изработен од материјал кој може лесно да се чисти.
- Покрај дополнителните оброци, треба да се продолжи со доење.
- Постепено да се зголемува бројот и големината на оброци: 2-3 оброци на ден за новороденчиња од 6-8 месеци и 3-4 оброци на ден за новороденчиња од 9–23 месеци, со 1-2 дополнителни ужини по потреба.
- За време на заболување, се зголемува вообичаениот внес на течности и бројот на подои, а се намалува бројот на оброци!

Колку оброци се потребни?
Во првите месеци доенчето се дои на секои 3-4 часа, но може и почесто, во зависност од неговите потреби. Секое доенче е различно, и секое си има „свои правила“. Затоа не треба да се гледа на точното време, туку да се следат неговите реакци. Нахрането доенче е задоволно и смирено, редовно уринира, па пелената често му е „полна“ и има редовна столица.
Ноќниот подој постепено се укинува помеѓу третиот и четвртиот месец, а штом се почне со прихранување, млечните оброци постепено се заменуваат со немлечни. Млечните каши добро е да се прават со адаптирано млеко. На крајот од првата година, детето треба да има 3 главни оброци и 2 меѓуоброци.
Редослед по кој се воведува дохраната:

Screenshot 4 Screenshot 5 Screenshot 6 Screenshot 7 Screenshot 8 Screenshot 9

Уживајте во секоја непреспана ноќ!

Иако звучи неверојатно, за неколку години тие ноќи ќе Ви недостигаат!