ДИЊА
-свежо и здраво летно овошје-
Дињата е едно од најздравите и најпосакуваните овошја во лето. Таа содржи широк спектар на антиоксиданти и анти-воспалителни фитонутриенти, како каротеноиди, лутеин, зеаксантин... Одличен извор е на витамин А (во форма на каротеноиди) и витамин Ц; многу добар извор на калиум и добар извор на растителни влакна, Б витамини (Б1, Б3, Б6, фолати), магнезиум, бакар и витамин К. Можете да ја конзумирате колку сакате, а има многу причини за тоа да биде почесто:
Брзa и леснa дигестија
Дигестијата на дињата е многу брза и лесна, но само ако нема ништо друго во стомакот. Таа секогаш треба да се јаде сама, на празен желудник. Ако имате проблеми со нејзиното варење, тоа е затоа што имало друга храна во желудникот.
Најлошото време да се јаде диња (како и друго овошје) е после оброк, како десерт. Во овој случај, најпрво се варат потешките видови на храна кои го сочинувале оброкот, додека дињата останува подолго време во стомакот и ферментира. Тоа предизвикува непријатно чувство.
Растителните влакна и водата од дињата, може да помогнат во варењето на храната, но и да помогнат во намалување или во спречување на запек.
Одличен извор на енергија
За дигестијата на диња не се потребни панкреасни ензими, бидејќи во својот состав таа ги има сите потребни ензими. Тоа значи дека јадењето на диња ја зголемува енергијата, а не го исцрпува организмот.
Висока содржина на бета-каротен
Портокаловата боја на плодот на дињата, е показател за содржината на бета каротен. Една студија покажала дека количината на оваа важна состојка е околу 30 пати повисока од таа во свежите портокали, а биорасположивоста може да се спореди со таа на морковите.
Иако една порција на диња содржи само 56 калории, таа обезбедува повеќе од вкупната дневна потреба на витамин А.
Го намалува ризикот од метаболен синдром
Во 2008 година, истражувачите откриле дека јадењето диња може да го намали ризикот од метаболен синдром, т.е. состојба која вклучува покачен крвен притисок, зголемено ниво на шеќер во крвта, покачено ниво на триглицериди и холестерол во крвта и зголемено таложење на масти околу половината. Метаболниот синдром го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес.
Го подобрува здравјето на очите и видот
Дињата е добра за очите поради присуството на витамини А и Ц. Некои истражувања покажале дека со консумирање на 3 или повеќе порции овошје секој ден, може да се намали ризикот од развој на макуларна дегенерација за 36%. Макуларната дегенерација е најчестата причина за загуба на видот кај постари лица.
Побрзо заздравување на рани
Една порција на диња (околу 160 g) го обезбедува организмот со 100% од дневните потреби за витамин А и со 50% од дневните потреби за витамин Ц.
Витаминот Ц игра важна улога во заздравувањето на рани, бидејќи придонесува за синтеза на колаген. Исто така, и витаминот А е познат за поттикнување на здрав раст на ткивото, вклучувајќи го и тоа во кожата. Високата содржина на вода во дињите, помага да се задржи влажноста и еластичноста на кожата.
Подобра апсорпција на железо
Витаминот Ц во дињата помага во правилно искористување на железото од растителни извори. Железото од растително потекло, потешко се искористува за разлика од тоа од животинско потекло, односно од месо.
Хидратација
Дињата содржи околу 90 % вода, а во исто време содржи и електролити од шеќери, што може да ја претвори во идеална ужина во топлите денови. Електролитите се од витално значење за спречување на топлотен удар и топлотна исцрпеност.
Здравo срце
Една порција на диња содржи 14% од дневните потреби на калиум, што може да помогне вашето срце да чука поздраво! Калиумот е минерал - електролит, одговорен за правилна работа на срцето. Тој исто така може да помогне во заштита на кардиоваскуларниот систем од висок крвен притисок.
Дињата е одлична за детоксикација на организмот, за освежување и смирување. Нејзиниот сок порано се користел за ублажување на изгореници и болки (болното место се мачкало со сок од цедена или ситно сечкана диња). Ги ублажува и убодите од инсекти.
Запомнете ги овие, но има уште многу добри причини за дињата да биде ваш избор ова лето!