ЗДРАВЈЕ

 

ЗДРАВА И БАЛАНСИРАНА ИСХРАНА

Важна за нормално и правилно функционирање на организмот на човекот. „Ние сме тоа што јадеме“ е точно и ние сме комплексни суштества со потреба од материи за создавање на енергија и од градивни елементи кои секојдневно треба да ги внесуваме преку исхраната. Затоа, потребно е да внесуваме јаглехидрати, масти, протеини, минерали, витамини и вода. Тие ни се потребни во секој период од животот и во секоја состојба во која се наоѓаме (спотрување, намалување на телесна тежина, бременост, болест...).
 

ЈАГЛЕХИДРАТИ

Енергетски нутриенти – примарен и најважен енергетски извор за секојдневната физичка и ментална активност на организмот. Во исхраната треба да бидат застапени 50-60% од дневниот енергетски внес. Добро е голем дел од дневните потреби да бидат задоволени со комплексни јаглехидрати – целозрнести житарици, како и со овошје, а колку што може да се избегнуваат засладени пијалоци и слатки.
 

МАСТИ

Мастите имаат главно структурна улога (во градбата на клеточни мембрани, хормони), но се и голем (не најважен!) извор на енергија. Многу важна им е улогата во ресорпцијата на одредени витамини (А, D, E, K), кои се раствораат во масти и само така организмот може да ги искористи. Нивната застапеност треба да биде 20-30% од дневниот енергетски внес. Тоа не значи само внес на видливи масти и масла, туку и јаткасти плодови (бадеми, лешници, ореви, индиски и бразилски ореви, кикири) и семиња (сончоглед, семки од тиква, сусам, ленено семе, чиа семе), кои се богати со „добри“ масти, корисни за срцето и мозокот.
 

ПРОТЕИНИ

Во секојдневната исхрана се важни за раст и развој на организмот и учествуваат во градбата на секоја клетка од организмот. Тие не се енергетски нутриенти, туку само структурни и функционални. Секојдневно треба да се внесуваат, затоа што човечкото тело нема протеински резерви. Застапеноста на протеините во дневниот енергетски внес треба да биде околу 10-20%, односно, околу 1g/kgTT. За правилна функција на организмот, добро е да се внесуваат протеини од животинско (месо, млеко, јајца) и растително потекло (легуминози, житарици, печурки), и тоа 2/3 од животинско и 1/3 од растително потекло.
 

МИНЕРАЛИ

Неопходен дел од здравата исхрана. Тие се дел од структурата на многу ткива и учествуваат во хемиските реакции кои се одвиваат во организмот (мускулна контракција, пренесување на нервен импулс, одржување на срцев ритам, транспорт на кислород). Дел од потребните минерали се: калциум, магнезиум, железо, цинк, бакар, селен, калиум, натриум, фосфор... Со употреба на разновидна исхрана од растително и животинско потекло, најчесто нема недостаток на минерали во организмот. Кај здрав организам, зголемена потреба од минерали се јавува при поинтензивна спортска активност, кај бремени жени и доилки, како и кај деца во раст и развој.
 

ВИТАМИНИ

Витамините се сложени соединенија, кои имаат огромно значење за растот, развојот и нормалното функционирање на сите клетки во организмот. Се синтетизираат во растенијата, а човекот ги внесува преку исхрана од растително и животинско потекло. И тука, доколку имаме разновидна исхрана, богата со свежо овошје и зеленчук, нема да имаме недостаток на витамини. И тука, кај здрав организам, зголемена потреба од витамини се јавува при поинтензивна спортска активност, кај бремени жени и доилки, како и кај деца во раст и развој.
 

ВОДА

Во нашиот организам има улога на средина во која се одвиваат сите метаболни процеси. Важно е да се внесува континуирано во текот на цел ден (не многу голема количина наеднаш). Нашата урина е показател дека организмот ни е доволно снабден со вода – таа секогаш треба да биде бистра и со светла боја.

LogoMakr (4)

LogoMakr (3)

LogoMakr (2)

LogoMakr (7)

LogoMakr (1)

LogoMakr (6)

LogoMakr (5)