НАЈДОБРАТА ХРАНА ЗА ДЕЦА НА УЧИЛИШНА ВОЗРАСТ

Раната училишна возраст е време на брзо учење, но бавен и стабилен физичкиот раст и развој.

Децата имаат потреба од различни видови храна за да се задоволат нивните потреби за хранливи материи. Како што се зголемува големината на телото, така се зголемува и потребата за поголема количина на храна и хранливи материи.

Кога децата се многу активни, особено ако се занимаваат со спорт, тие имаат поголеми енергетски потреби. Обично тогаш им се зголемува апетитот. Учете ги и поттикнувајте ги тој апетит да го задоволуваат со здрави оброци во текот на целиот ден, а секако, и во времето кое го поминуваат на училиште. Со носењето на храна подготвена од дома, помала е можноста да посегнат по брза храна, нездрави грицки и слатки.

childrenfood

Здрава храна која ќе ја сакаат децата

Оваа здрава храна понудете им ја на Вашите деца кога се дома:

   - Направете им шарена овошна салата од грозје, банана, круша, јаболко, праска и друго овошје по желба; додадете малку мед и цимет.

   - Изблендирајте овошје како што се јагоди, банана или манго со млеко или јогурт, за да направите вкусен овошен и хранлив пијалок.

   - За десерт, направете им домашни мафини со повеќе суво и јаткасто овошје.

   - Сервирајте им зеленчукова салата во мали детски садови.

Совети за училишни оброци

   - Училишните оброци чувајте ги свежи и безбедни во торбички за разладување, или ставете шише со замрзната вода до кутијата за ручек.

   - Сендвичите подготвувајте ги со интегрален леб.

   - Избегнувајте сувомеснати производи. Користете дома подготвено месо, сирење или кашкавал.

   - Додадете павлака, кисело млеко или кечап. Не додавајте мајонез или маргарин!

   - Не заборавајте го зеленчукот! Користете сè што ви е достапно, во зависност од сезоната: салатка, домат, краставица, зелка, рендан морков...

   - Не заборавајте го ни овошјето! Покрај здравиот сендвич, секојдневно подгответе и по едно овошје или неколку јаткасти плодови.

Најдобри пијалоци за деца

Млекото е одличен извор на витамини и минерали

Млекото е важен пијалок за децата бидејќи тоа обезбедува калциум кој е потребен за растење на коските и забите. За деца од 4 до 8 години се препорачува 1,5-2 порции млечна храна секој ден. За деца од 9 до 11 години препорачливи се 2,5-3 порции на млечна храна. Ако вашето дете не пие млеко, може да конзумира јогурт или сирење. Како замена, доколку не треба или не сакате детето да пие млеко, употребувајте соино или бадемово млеко збогатено со калциум.

Охрабрете го вашето дете да пие вода кога е жедно

Слатките пијалоци, како што се соковите, безалкохолните пијалоци и овошните сирупи не се препорачуваат и треба да се ограничат, бидејќи:

   - сите тие се богати со шеќер и го зголемуваат ризикот од расипување на забите кај децата

   - имаат голема енергетска вредност и можат да придонесат за нездрава (поголема) телесна тежина

   - пиењето на слатки пијалоци го намалува апетитот за здрава храна

Совети за полесно одвикнување од пиењето на слатки напитоци:

   - Ограничете ги слатките пијалоци на една чаша дневно

   - Обидете се со разводнување на пијалоците (детето пак ќе испие една чаша сок и ќе биде задоволно)

   - Не купувајте вакви пијалоци

   - Бидете пример – пијте само вода

   - Бидете трпеливи - стекнувањето на добри навики може да потрае некое време