ИСХРАНА
Исхрана е земањето на храна, во зависност од нутритивните потреби на организмот. Правилната исхрана е добро балансирана исхрана во комбинација со редовна физичка активност. Таа е основен услов за добро здравје. Лошата исхрана може да доведе до намален имунитет, зголемена подложност на болести, оштетување на физичкиот и ментален развој и намалување на продуктивноста.
Важни совети за здрава исхрана:
ЈАДЕТЕ РАЗНОВИДНА ХРАНА
Јадете комбинација од различни видови храна, вклучувајќи житни култури (пченица, јачмен, 'рж, пченка, ориз), скроб (компир, сладок компир и сл.), мешунки (леќа, грав, грашок), зеленчук, овошје и храна од животинско потекло (месо, риба, јајца и млеко).
Зошто?
Внесувањето на разновидна храна, особено на необработена и свежа храна секој ден, на децата и возрасните им помага да се стекнат со потребните количини на хранливи материи. Таа, исто така помага да се избегне исхрана која е богата со шеќери, масти и сол, која може да доведе до зголемување на телесната тежина и развој на хронични незаразни болести (кардиоваскуларни болеси, дебелина и дијабет тип II). Конзумирањето на здрава, балансирана исхрана е особено важно за малите деца и децата во развој, но таа, исто така им помага на постарите луѓе да имаат поздрав и поактивен живот.
ЈАДЕТЕ МНОГУ ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ
- Јадете разновиден зеленчук и овошје
- За ужина, изберете свеж зеленчук и свежо овошје, наместо храна која е богата со шеќери, масти и сол
- Избегнувајте премногу готвен зеленчук и овошје, зашто готвењето доведува до губење на важни витамини
- Кога користите конзервирана храна или сушен зеленчук и овошје, изберете ги оние без додаток на сол и шеќер
Зошто?
Зеленчукот и овошјето се важни извори на витамини, минерали, растителни влакна, растителни протеини и антиоксиданси. Луѓето чија исхрана е богата со овошје и зеленчук имаат значително помал ризик од дебелина, срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес и одредени видови на рак.
КОРИСТЕТЕ УМЕРЕНО КОЛИЧЕСТВО НА МАСТИ И МАСЛА
- Користете незаситени растителни масла (маслиново, сончогледово или масло од пченка), наместо животински масти (како путер, маст) или масла богати со заситени масти (кокосово или палмино масло)
- Изберете бело месо (живина) и риби, кои генерално се со ниска застапеност на масти, за разлика од црвеното месо
- Ограничете ја употребата на преработки од месо, бидејќи тие се богати со конзерванси, масти и сол
- Каде што е можно, определете се за млеко и млечни производи со пониска масленост
- Избегнувајте обработена, печена и пржена храна која содржи индустриски произведени транс-масти
Зошто?
Мастите и маслата се концентрирани извори на енергија, и јадењето премногу масти, особено погрешни масти, може да биде штетно за здравјето. На пример, луѓето кои јадат премногу заситени масти и транс-масти се изложени на поголем ризик од срцеви заболувања и мозочен удар. Транс-масти може да има и природно во некои месни и млечни производи, но главен извор се индустриски произведените транс-масти (на пример, делумно хидрогенизираните масла) присутни во различна процесирана храна.
ЈАДЕТЕ ПОМАЛКУ СОЛ И ШЕЌЕР
- Кога готвите и подготвувате храна, ограничете ја количината на сол и зачини со сол
- Избегнувајте храна богата со сол и шеќер
- Ограничете го внесот на пијалоци, кои се богати со шеќери (на пример, овошни сокови, сирупи), наместо тоа - пијте многу вода
- Одберете свежо или сушено овошје, наместо слатки
Зошто?
Луѓето чија исхрана е богата со натриум (вклучувајќи сол) имаат поголем ризик од висок крвен притисок, што може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар. Слично на тоа, оние чија исхрана е богата со шеќери, имаат поголем ризик од прекумерна тежина, како и од расипување на забите. Доколку се намали количината на шеќер во исхраната, може да се намали и ризикот од незаразни болести, како срцеви заболувања и мозочен удар.
Совет за идните мајки: ДОЕТЕ ГО ВАШЕТО БЕБЕ!
Од раѓањето до 6 месеци, ексклузивно доете го Вашето бебе (без додавање на друга храна) и доете го зависно од неговите потреби (кога тоа сака, дење и ноќе).
На 6 месеци почнете со додавање на друга храна, но сеуште доете го.
Не додавајте сол и шеќер на храната за бебиња!
Зошто?
Мајчиното млеко ги содржи сите хрнливи материи и вода што им се потребни на бебињата за првите 6 месеци за здрав раст и развој. Ексклузивно доените бебиња имаат подобра отпорност од најчестите заболувања, како дијареа, респираторни инфекции и инфекции на уво. Во понатамошниот живот, кај оние кои биле доени како бебиња, поретко се јавува дебелина, и поретко страдаат од хронични незаразни заболувања, како дијабет, срцеви болести и др.